Во рамките на меѓуопштинската соработка, во кругот на Територијалната противпожарна единица – Кочани беше реализирана одлуката на Советот на Општина Кочани, за отстапување на специјално противпожарно возило на Општината Чешиново-Облешево.
Предавајќи ги документите на неговиот колега, градоначалникот Ратко Димитровски истакна дека ваквата меѓуопштинска соработка ќе продолжи и во други области.
– Нашата општина нема противпожарна единица, а ние размислуваме да направиме таква единица. Ова возило ќе биде наменето за теренските потреби на нашето Комунално јавно претпријатие – рече Костадин Личков, градоначалник на Чешиново-Облешево.
– Ова специјално противпожарно возило, марка ТАМ, е во добра возна состојба и може да превезува осум пожарникари. Ние му вградивме и резервоар за вода со носивост од илјада литри. Иницијативата за доделување на ова возило е резултат на честите противпожарни интервенции што ги имавме на територијата на Чешиново-Облешево минатата пролет и лето. Очекуваме дека ќе ѝ послужи на Општината односно на Комуналното јавно претпријатие за формирање единица за заштита и спасување – која првенствено треба да реагираа при пожари, а доколку има потреба од поголема интервенција да се вклучиме и ние како Територијална противпожарна единица – изјави командирот на ТППЕ – Кочани, Дејанчо Арсов.