На прес-конфренција што се одржа во Кочани, пред јавноста беше претставен проектот „Зелени згради за заедничка зелена иднина“, финансиран од Интерег ИПА-програмата, преку Центарот за развој на Источниот плански регион како водечки партнер во партнерство со Обласната администрација Благоевград.
Со цел да се заштити животната средина и одржливо да се користат заедничките природни ресурси во пограничната област, со овој проект ќе се реконструираат двете административни згради – општинската во Кочани и обласната во Благоевград. Вредноста на проектот е 398 илјади евра, а периодот на реализација е две години и ќе трае до октомври 2018 година.
Активностите опфаќаат реконструкција на општинската зграда во Кочани заради зголемување на енергетската ефикасност, којашто ќе опфати промена на надворешните прозорци и врати, зелен кров на новата зграда – како своевиден репрезентативен примерок во регионот и кровна изолација на стариот дел од зградата, вградување на лифт и тоалети за лица со физички хендикеп. Слични градежни активности се предвидени и со реконструкцијата на зградата на Обласната администрација во Благоевград.
– Со овој проект општинската зграда ќе се направи енергетски ефикасна од класата Д во класата Б. Сметам дека на овој начин Република Македонија ќе направи уште еден чекор во придружувањето кон Европската Унија. Финансиите наменети за овој проект се приближно по половина за Кочани и за Благоевград, рече претседателот на Советот на Источниот плански регион, Ратко Димитровски.
– Ние сме пријателски општини повеќе од десет години, а со Источниот плански регион ова ни е прв проект што го реализираме. И од двете страни стојат многу одговорни луѓе за реализација на овој проект којшто ќе биде од полза на граѓаните и на двете администрации, истакна Валериј Сарандов, управител на Обласната администрација Благоевград.