Друштвото за рударство и градежништво „Силекс неметали СТ“ е избрано за изведувач на работите на проектот за изградба на браната Речани на Оризарска Река.
Тендерот што беше распишан во декември минатата година од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се реализираше со ограничена постапка. Во првата фаза се бираа фирми по критериум за способност, а во втората фаза според финансиска понуда, односно најниска цена на е-аукција.
Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е околу 31 милион евра, средства што ги обезбедува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Со формирањето на акумулацијата Речани ќе се унапреди управувањето со водните ресурси на Оризарска Река, со што ќе се обезбеди: квалитетно водоснабдување на населението и индустријата од четири општини кои гравитираат во овој регион: Кочани, Виница, Чешиново- Облешево и Зрновци; наводнување на површини погодни за интензивно земјоделско производство; производство на електрична енергија со две или три мали хидроелектрични централи; облагородување на малите води и заштита од поплавни води и развој на туризмот, спортот и рекреацијата.
Рокот за изведба на браната Речани е 5 години.