Унгарската Влада додели грант од околу 180 илјади денари за ангажирање на лица во институциите на кочанската локална самоуправа, како и во самата Општина. Едно од ангажираните лица е со завршено високо, додека останатите се со средно образование.
Донацијата се доделува за потребите на македонската програма за стипендирање и инклузивност на Ромите во институциите на системот кај нас.
Адам Золтан Ковач, заменик-државен секретар во унгарското Министерство за надворешна трговија и надворешни работи изрази задоволство од соработката и рече дека неговата земја со задоволство се вклучува во македонските развојни програми.
– Во Република Унгарија најголемо е малцинството од ромска етничка припадност и оттаму како Министерство за надворешни работи сме запознати со проблемите со кои се соочуваат и оттаму сметаме дека на овој начин тие подобро ќе се вклучат во социјалниот и економскиот живот на општината, рече Золтан Ковач.
– И досега Општина Кочани доста вложуваше во оваа инклузија на ромската популација. Се надевам, дека со такво темпо ќе продолжиме и понатаму и дека уште повеќе заеднички ќе придонесеме, можеби и со друга помош од други држави, за оваа ромска популација што подобро да ја интегрираме во системот на Општината, рече Петар Апостолов, секретар на Општина Кочани.
Лицата кои ќе бидат ангажирани со програмата за стипендирање ќе имаат работни обврски во општинските институции во период од 6 месеци.