Општина Кочани започнува со спроведување на буџетски форум во рамките на програмата „Форуми во заедницата“, која овозможува директно учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки на локално ниво, транспарентно и отчетно работење на општинската администрација и зголемување на довербата во локалната самуправа.
Првата форумска сесија од Буџетскиот форум ќе се одржи в четврток, на 6 октомври во ресторанот „Але-дар“, со почеток во 18 ч.
Целта на буџетскиот форум е граѓаните да добијат целосен увид во приходите и расходите на општината и со свои предлози да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет за 2017 година, во рамките на стратешкиот развоен план и приоритетите за развој на општината за наредната година.
Општина Кочани со одлуката за спроведување на буџетски форум покажува високо ниво на транспарентност и отчетност пред своите граѓани, сметајќи дека ова е одлична можност да се изготви буџет во согласност со потребите и приоритетите на граѓаните.
Буџетскиот форум содржи пет форумски сесии на кои градоначалникот и општинската администрација, заедно со заинтересираните граѓани, ќе презентираат, дискутираат и ќе одлучуваат за распределбата на средствата од општинскиот буџет. На шестата (последователна) сесија пак, Општината ќе поднесе отчет за реализираните програми и проекти, односно за извршувањето на буџетот, во согласност со донесените форумски одлуки.
Општина Кочани ги поканува сите граѓани да земат масовно учество во форумскиот процес и со дискусии да придонесат за изготвување на општински буџет, кој на тој начин ќе биде во согласност со приоритетните потреби на граѓаните.