Започна реализацијата на проектот Туристички информативен центар – Пониква, аплициран од Општина Кочани преку Источниот плански регион, а финансиран од Програмата за зачувување на природата во Македонија од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Главната цел на Туристичкиот информативен центар е да нуди што поголема достапност на информации за локалитетот и за Спортско-рекреативниот центар „Пониква“, но и да промовира зачувана и унапредена животна средина, одржливо користење на енергијата, развој на различни видови туризам, како и да ги зајакнува институционалните и човечките капацитети за развој на туризмот во Кочанско.
Градежните работи на општинската зграда што ќе функционира како Туристички информативен центар се во тек.
Според градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, ќе се наменат 3 милиона и 200 илјади денари за реконструкција на објектот, а околу 2 милиона денари за опремување и дворно уредување. Центарот ќе има видиковци, двогледи и други инструменти за набљудување на околината.