Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот одржа седница на која посебно внимание беше посветено на прашањето како да се регулира сообраќајот пред училиштата, на почетокот на новата учебна година.
– Дадовме препораки за обележување на пешачките премини во училишните зони и за средување на тротоарските површини за да бидат што побезбедни за учениците. Во септември ќе се делат летоци со едукативна содржина од сообраќајот, а посебно внимание ќе биде посветено на учениците од прво и второ одделение – како безбедно да ги преминуваат улиците и да стигнат во своите училишта. На една од првите родителски средби ќе присуствува и претставник од Полициската станица со цел да се обрне внимание како родителите безбедно да ги превезуваат своите деца до училиштето, изјави Кирил Атанасов, претседател на Општински совет за безбедност во сообраќајот.
Заради јакнење на сообраќајната култура и стекнување на добри навики од најмала возраст, во наредниот период Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот во соработка со повеќе надлежни институции ќе спроведе медиумска кампања.