Во селото Нивичани се асфалтира улица долга 480 метри и широка 3,5 метри. Изведувач на работите е градежната механизација на „Имако“. Овој градежен зафат чини 3 милиони и 900 илјади денари, средства од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој во Република Македонија.
– Исполнуваме ветување од градоначалникот, вметнато и во неговата програма, а по барање на жителите на Нивичани, како една од нивните главни потреби. Ние не застануваме овде, сè со цел да излеземе во пресрет на барањата на жителите на село Нивичани. Во наредниот период ќе се изработи проектна документација за изградба на уште еден фекален колектор кој ќе го поврзе останатиот дел од селото Нивичани – најави секретарот на Општина Кочани, Петар Апостолов.
За населението коешто живее на источната страна од црквата „Свети Дух“ во ова планинско село, каде што се гради новата улица, ова е мошне значаен инфраструктурен зафат што значително ќе ја подобри сообраќајната поврзаност во селото.