Со асфалтирањето на улицата „Ѓорче Петров“ се заокружува проектот за асфалтирање на десетте улици со заемот од Светска банка.
Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, при обиколката на завршницата на асфалтирањето соопшти дека за две седмици се очекува да бидат комплетирани приодите, да се направи проверка на изработеното со што ќе бидат комплетирани активностите од овој голем инфраструктурен зафат.
– Следуваат анализи за остатокот од финансиските средства и нивната намена. Планираме да ги намениме за улиците „АСНОМ“ во Оризари и за „Карпошово востание“ во Кочани. Очекуваме да има доволно средства за асфалтирање и на двете улици – рече градоначалникот Димитровски.
Асфалтирањето на улиците се реализираше со 61,5 милиони денари од Светска банка, со договорот за подзаем од Проектот за подобрување на општинските услуги. Рокот за враќање на парите од кредитот е десет години, со три години грејс-период и 1,5 процент годишна камата. Со заемот од Светска банка се асфалтираа улици со вкупна должина од 3,9 км.