Во Кочани започна одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, кое годинава Општина Кочани го спроведува во соработка со невладините организации „Авена“, „Светла иднина“ и „Еднакви за сите“.
Здружението на граѓани „Авена“ во своите активности ги вклучи децата од градинката „Павлина Велјанова“ каде што се реализира проектот „Инклузија на деца Роми“. Со културно-забавна програма којашто се одржа во објектот „Ѕвездички“, децата испратија пораки за еднаквост, мир и љубов за сите луѓе без оглед на етничката, верската или религиозната припадност.
Според Лидија Серафимова, директорка на градинаката во Кочани, во проектот „Инклузија на деца Роми“се вклучени 25 ромски деца од две до 6-годишна возраст.
Во организација на Здружението „Светла иднина“ во Градскиот парк во Кочани, на неколку штандови беше презентирана традиционалната ромска храна, носии и занаети.
– Пред очите на посетителите понудивме богата трпеза од наши ромски традиционални јадења. Презентиравме и два веќе стари занаета и тоа изработка на јажиња и плетење кошници од слама, изјави Мустафа Саидов, претседател на „Светла иднина“ од Кочани.
Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на Ромите ќе се одржи и турнир во мал фудбал со ученици од кочанските основни училишта.