Премиерот на Република Македонија, Емил Димитриев и градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски ги пуштија во употреба на новоасфалтираните улици „Февруарски поход“ и „13 Македонска бригада“ во населбата Драчевик.
– Станува збор за две од десетте улици на коишто се работи во изминативе девет месеци со заемот од Светска банка, кој се користи под мошне поволни услови. Покрај овие две, досега комплетно се завршија и „Јанка Стоименова“ во Оризари, „Македонска“, „15 Македонски корпус“, „Разловечко востание“ и „Димитрија Лазаров“. Преостанува асфалт да добијат „Ѓорче Петров“, „Орце Николов“ (лев и десен крак), „Пиринска“ и „554“. Улиците се со различна широчина, во просек од пет до шест метра, со тротоарска површина од еден до еден и пол метар. За секоја од нив е предвидена и изградба на потпорни ѕидови, а според потребите и условите на патот и изведба на инсталација за атмосферска канализација – рече пред присутните градоначалникот Димитровски.
Премиерот Емил Димитриев во своето обраќање најави неколку капитални инвестиции во регионот, меѓу кои и експресниот пат Штип – Кочани, во должина од 26 км, во вредност од 53,4 милиони евра и рехабилитацијата на делницата Кочани – Македонска Каменица – Делчево во должина од 30 км и во вредност од 6 милиони евра. Димитриев истакна дека етапно се работи и на изградбата на браната „Речани“, проект од големо значење за водоснабдувањето на Кочани и микрорегионот, а ја апосторфираше и поддршката на земјоделците од регионов на кои им се исплатени околу 10 милиони евра субвенции.