– Министерот не штедејќи ги своите лични комуникации, веднаш ја има активирано пред сѐ Владата на Република Македонија на чело со премиерот Христијан Мицковски, ресорните министерства, т. е. Министерството за здравство и она што го има направено за Кочани е од непроценливо значење за сите нас – истакна градоначалникот на Општина Кочани изразувајќи искрена и огромна благодарност за заложбите за подобрување на здравјето на повредените.
– На вака тешки теми нема добри вести. Има вести кои можат само да ги разрешуваат проблемите и да ги прават што поподносливи за повредените. Минатиот понеделник од прва рака слушнав кои се проблемите што ги мачат децата и од нивна страна ми беше сугерирано дека тие комуницирале со нивните лекари во Србија и лекарите им рекле дека доколку до септември не се заврши последната фаза од нивното лекување тогаш настанува таканаречено задебелување на кожата со посериозни последици, односно тие не ќе можат да ги употребуваат прстите, рацете. Она што ми остави впечаток е дека повредените со кои разговарав беа полни со недоверба и со сомнеж дека нешто ќе може да се направи или дека работите ќе можат да се поместат. Јас ветив дека ќе разговарам со дел од раководството на Србија и дека ќе се обидеме да ги решиме, затоа што проблемите настанаа затоа што Фондот за здравство на нашата држава и Фондот за здравство на Република Србија немаат никаков договор со кој на некој начин би се ретрансферирале средства за тие операции. Тие операции се прилично скапи, што значи дека на децата не ќе можеа да им се изведат поради недостаток на средства и поради тоа што нашиот фонд нема да може да ги регулира обврските. Јас разговарав со државното раководство на Србија кое веднаш прифати медицинскиот третман на повредените што се лекуваа во Белград да се одвива на сметка на Фондот за здравство на Република Србија. Веднаш за тоа го информирав нашиот премиер кој стапи во контакт со српската влада и веќе се формирани тимови на ниво на Министерство за здравство и на ниво на фондови за здравство, што значи дека веќе се почнати тие активности. Сакам да истакнам дека и една рака да профункционира за мене ќе биде доволна награда. Сметам дека направивме едно големо дело пред сѐ за децава и за нивните родители, а на некој начин и покажавме и грижа и интерес и не ги оставивме ни децата ни родителите сами да ги разрешуваат своите проблеми кои се мошне големи и од финансиски и од секаков друг аспект – изјави министерот Стоилковиќ.
Градоначалникот Грозданов упати јавна благодарност до државно раководство на Србија и до премиерот Мицкоски и изрази надеж дека овој процес на крајот ќе заврши со добри резултати пред сѐ за повредените. Во знак на благодарност, на министерот Стоилковиќ му подари икона со ликот на Пресвета Богородица.























