Со избрана музика и фотографии од Стефан Тасевски на видеобим, DJ Jianni Filipo и Кочани вечерта ја посветија на DJ C2, еден од загинатите во трагедијата од 16 март 2025 во Кочани, кој исто ја имаше честа да стои зад пултот и да ги забавува младите. На тој начин им беше оддадена почит и на останатите 62 настрадани млади луѓе во „Пулс“, кои кобната ноќ никогаш не се вратија од забава.
Како особено емотивен и силен потег беше примено од публиката обраќањето на мајката на DJ C2, Мита Тасева:
– За мене, како мајка на Стефан, ова значи повеќе отколку што можам да опишам со зборови. На овој начин мојот син продолжува да биде присутен меѓу нас, затоа што музиката беше неговата љубов, неговата водилка и неговата животна мотивација. Во оваа прилика, во име на нашето семејство, сакам од срце да упатам искрена благодарност до Општина Кочани и DJ Jianni Filipo за честа што ни ја приреди вечерва. За некого ова можеби е мал гест, но за мене и за моето семејство тоа е огромна чест, почит и доказ дека Стефан не е заборавен – рече мајката во своето обраќање.
По настапот на DJ Jianni Filipo, концерти приредија Дина Јашари и групата „Дупер“.























