На 12 јули, на локалитетот Аеродром, на Осоговските Планини неформална група граѓани од Кочани, љубители на автомобилизмот, организираа автомобилско шоу.
На Пониква беа изложени околу 200 автомобили на сопственици од Македонија и Србија.
Координаторот на настанот, Александар Митрев истакна дека се изложени спортски и уникатни возила, олдтајмери и специјално модифицирани проекти. Изложбата посветува внимание и на учеството на дамите во автомобилската сцена, со посебна категорија што го истакнува нивниот стил, посветеност и креативност во уредувањето на возилата.
– Сакам искрено да им честитам на организаторите за идејата, ентузијазмот и за трудот што го вложија за овој настан да стане реалност. Општина Кочани ќе продолжи да ги поддржува иницијативите што го збогатуваат општествениот живот, го промовираат нашиот град и создаваат нови можности за дружење, туризам и развој, особено овде, на Осоговските Планини – изјави градоначалникот Владко Грозданов.
Покрај изложбениот дел беа организирани и други активности и натпревари, со цел да се создаде динамична и атрактивна атмосфера за сите посетители и учесници, а најуспешните модели беа наградени.
Организаторите истакнаа дека настанот едновремено и израз на длабоката љубов кон автомобилите на нивни другари кои трагично ги загубија животите во пожарот на 16 март 2025 година, а посетеноста и бројот на учесниците се доказ дека автомобилската култура и заедништвото имаат силна поддршка во Кочани.
Настанот е дел од програмата за одбележување на Петровден, патрониот празник на Кочани.























