Љубителите на класичната музика ќе имаат можност да уживаат во концерт на реномираната пијанистка Даница Стојанова, кој ќе се одржи в среда, 24 јуни 2026 година, во салата на МКЦ, со почеток во 19 часот.

Даница Стојанова е професорка по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и е препознатлива како долгогодишен поддржувач и промотор на младите македонски музички уметници.

Во својата богата концертна кариера настапувала како солистка со Македонската филхармонија и со Видинската филхармонија во Бугарија, а реализирала и бројни солистички рецитали во повеќе земји во Европа, Азија и САД, меѓу кои Бугарија, Украина, Турција, Малезија, Германија, Холандија, Франција, Италија, Косово, Србија, САД, Узбекистан и Чешка.

Публиката ќе има можност да проследи внимателно избрана програма со дела од композиторите Томислав Зографски, Јана Андреевска, Благој Цанев, Николај Метнер и Енрике Гранадос.

Концертот се реализира со поддршка од Министерството за култура, Општина Кочани и ОМУ „Ристо Јуруков“.

Организаторите ги покануваат сите љубители на овој музички жанр да уживаат во врвна пијанистичка изведба.