Претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Амбасадата на Швајцарија, Фармахем, Општина Кочани, КЈП „Водовод“ и ЈП Национални шуми, остварија работна средба во Кочани, посветена на согледување на актуелните состојби, предизвиците и можностите за понатамошен развој во областа на животната средина и инфраструктурата.
Со градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, беше разговарано за тековните потреби и можните решенија за надминување на постојните предизвици, со посебен акцент на водоснабдувањето, одведувањето и пречистувањето на отпадните води.
Градоначалникот Владко Грозданов, заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска и претставниците на институциите ја посетија Пречистителната станица за отпадни води во Мојанци и Инфо-центарот на Пониква – проекти реализирани со финансиска поддршка од Швајцарија.
При посетата на Пониква беше отворена и дискусија за идниот развој на ова подрачје, при што беше истакната визијата за негово позиционирање како современ туристички центар, со одржлив пристап и соодветна инфраструктурна поддршка.
Учесниците ја нагласија важноста од меѓуинституционалната соработка и продолжување на партнерските активности за подобрување на условите за живот и создавање одржливи решенија за развој на општината.























