Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски се сретна со претставници на угостителските и сместувачките капацитети на Пониква, Осоговските Планини.
– Општина Кочани испечати леток за Пониква, којшто ги содржи основните податоци за објектите што се нудат на располагање на туристите и поесетителите. Целта е да дадеме поддршка во развојот на туризмот на Пониква, на тој начин што ќе ги промовираме нејзините убавини и можности, рече градоначалникот Димитровски.
На средбата претставниците имаа можност да разговараат за предностите и потребите на Пониква во функција на што поголемо привлекување туристи. Дел од претставниците на туроператорите од Кочани дадоа идеи за поголемо искористување на средствата од програмите на Европската Унија и за реализација на проекти за кои веќе постои изработена документација, а градоначалникот Димитровски ги запозна со неколку инфраструктурни проекти чија реализација претстои.
Претставниците на сместувачките капацитети на Пониква и на туристичките агенции од Кочани добија примероци од испечатениот леток за Пониква.
Електронското издание на летокот за Пониква е објавен на веб-страницата на Општина Кочани, во категоријата Публикации.