Раководителката на Секторот за финансиски прашања во општинската администрација е избрана за најдобар вработен за 2015 година. Одлуката ја објави градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски на предновогодишната средба со вработените од општинската администрација.
Хаџиева во 2015 година има покажано голема ангажираност и несебичност во тимското работење и извршувањето на своите обврски во делот на финансиите и изготвувањето на Буџетот на Општина Кочани за 2016 година – стои во Одлуката за доделување на наградата. Наградата е парична и е во висина од 6 000 денари.
Наградата за најдобар пожарникар за 2015 година ја доби Боге Јованов, пожарникар-возач од Територијалната противпожарна единица – Кочани.
Во 2015 година Јованов покажал голема пожртвуваност и несебичност во извршувањето на своите обврски во делот на гасењето на пожарите и во спасувањето на човечките животи и материјалните добра на територијата на општина Кочани и општините коишто ги покрива единицата. Јованов ја доби традиционалната награда за најдобар пожарникар – телевизор.
Димитровски им ја честита Новата година на сите пожарникари од Кочани и им посака помалку работа на терен, а повеќе внимание на превентивата и едукацијата за заштита од пожари.
На средбата присуствуваа и пензионираните од општинската администрација во 2015 година, Виолета Панова и Бранко Мишев, кои добија пригодни подароци.