Во пресрет на Петровден, по вечерната празнична богослужба во црквата „Св. великомаченик Георгиј“, на која чиноначалствувaше митрополитот Брегалнички г. Иларион, беше организирана литија до Градскиот парк, која заврши со осветување и кршење на празничниот колач.
Упатените молитви за здравје и благосостојба беа придружени и со молитви за загинатите во пожарот во „Пулс“.
– Тие денеска од небото нѐ гледаат и се радуваат и присуствуваат на овој празник на врховните апостоли, коишто ни го проповедаа словото Божјо, апостоли коишто нѐ научија на вистинската вера, коишто нѐ утешија дека човекот не умира, а живее вечно со Христа, апостоли коишто ни го покажаа патот на вистината и на правдата, апостоли коишто ни покажаа дека секој човек е образ, подобие и икона Божја – рече во своето обраќање пред присутните митрополитот Брегалнички господин Иларион, посакувајќи здравје, мир, спокој, сплотеност, единство, љубов.