Денеска, на Пречистителната станица за отпадни води во село Мојанци се одржа свеченост по повод завршувањето на проектот „Намалување на загубите на вода во системот за водоснабдување и искористување на сончевата енергија во комуналните јавни претпријатија во општина Кочани“.
За целите и значењето на проектот и на соработката говореа словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, директорот на Директоратот за развојна соработка и хуманитарна помош во Министерството за надворешни и европски работи во Република Словенија, Едвин Скрт и в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.
Со овој проект, на Пречистителната станица за отпадни води во Мојанци се поставени фотоволтаични централи со моќност од 440 киловати и од 120 киловати. Инсталацијата е реализирана со грант од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија во износ од 223.936 евра, а ист износ на средства беше издвоен и од Буџетот на Општина Кочани.
Со проектот е набавена опрема за детектирање на загубите на вода, реализирана обука на вработените за користење на опремата и се поставени водомери кај социјално-ранливи категории граѓани.
Целта на проектот е со набавка и инсталирање на современа опрема, да се спречат загубите во водоснабдителниот систем, а со производство на струја од фотоволтаичните централи да се намалат сметките за вода на граѓаните на Кочани.