Под покровителство на Општина Кочани, а во организација на Градскиот шаховски клуб „Кочани“ и на Шаховската федерација на Македонија, на 14 јуни, во хотелот „Амор“ во Кочани се одржа првиот Меѓународен турнир во шах во спомен на жртвите од пожарот во „Пулс“ и за хуманитарна помош во третманот на повредените во трагедијата.
Шаховскиот турнир го отвори в. д. градоначалникот на Кочани Венко Крстевски нагласувајќи дека главна цел е шахот да биде што подостапен за младите, за што Општина Кочани обезбедува соодветна поддршка, а од септември Градскиот шаховски клуб „Кочани“ ќе врши уписи на млади шахисти.
115 шахисти од сите клубови во Македонија, како и од Србија и Бугарија играат забрзан шах во 9 кола по швајцарски систем, согласно ФИДЕ-правилата. Шахистите од Црна Гора и Косово не допатуваа, но нивните шаховски федерации испратија финансиска помош за солидарност.
Наградниот фонд за турнирот го обезбеди Општина Кочани, а сите приходи ќе бидат донирани во фондот за загинатите и повредените во пожарот на 16 март во Кочани.