Почетокот на активностите беше официјализиран со настанот под наслов „Пат на заздравување“, на кој присуствуваше амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џеин и претставници на „Europe House“, како иницијатори и поддржувачи на програмата, како и претставници на Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“ и „Сапорт“ – Кочани.
Во тимот од Гетеборг се преживеаните од пожарот во 1998 година во дискотека во Гетеборг – Нима Параш Лама и Розбех Асланијан и пожарникарите Пер-Андерс и Бенгт Холм, социјалните работнички Елеонор Артфорс и Хели Кунас, како и координаторот на Центарот за поддршка Ларс Лилед.
– Три месеци Кочани живее во длабока криза, емотивна, психичка, криза во управувањето со секојдневието. Процесот на закрепнување е подлабок и подолготраен отколку што можеме да си замислиме. Добро е што не сме осамени на тој пат, кој жителите на Гетеборг го поминале пред 27 години. Искуствата стекнати во тој процес очекуваме да ни помогнат – истакна в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.
Амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џеин нагласи дека искуствата од ваквите трагедии се слични, иако се случувале во две различни држави – болката и последиците се исти.
– Заеднички се сеќаваме, заедно жалиме и заедно учиме да продолжиме со животот, порачуваат нашите гости од Гетеборг. Тоа значи активно учество на сите нас во градењето безбедносни простори за секого, простори на вклученост, на почитување и толеранција на различноста и посебноста, простори на слободата – рече во обраќањето пред присутните Лина Ќостарова-Унковска, од Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“.
Пред присутните говореше и Ларс Лилед, кој по пожарот во Гетеборг од менаџер за развој се пренасочил во специјалист за катастрофи, а неговата работа на тој план е опишана во книгата „Како редење сложувалки“, која во рамките на оваа програма за поддршка на настраданите од пожарот во Кочани е преведена на македонски јазик.