Вршителот на должноста градоначалник на Општина Кочани Венко Крстевски денеска ја одржа  првата средба со новинарите.

– Сакам уште еднаш да искажам искрено сочувство на семејствата на починатите и на настраданите во несреќата што се случи во Кочани пред еден месец и да упатам посебен апел до нив дека вратата на Општина Кочани е отворена и може да контактираат со мене во кое било време. Една од првите одлуки што ќе ја потпишам е таа со која на сметката на Фондот на солидарноста на Црвен крст на РСМ, Општина Кочани ќе префрли 3 милиони денари.

Крстевски информираше и за состојбата во Општината.

– Состојбата во Општината е алармантна. Затекнав хаотична состојба со делумни проекти, а таква е и во КЈП „Водовод“, каде што сѐ уште има правен галиматијас, не се знае дали е валидна оставката на директорот, нема ни технички директор, а долгот е 3 милиони евра, најмногу по основ на електрична енергија. Катастрофална е состојбата и со човечките ресурси во ТППЕ – Кочани, каде што е потребно да имаме триесет и двајца пожарникари, а имаме 16. Мене како в. д. градоначалник со помош на целата јавност ми останува да се зафатам за работа со драстични промени. Јас сум оптимист и со решавање првин на кадровската состојба во КЈП „Водовод“ ќе направиме тоа да биде функционално. Алармантна е состојбата и во однос на дивоградбите, со кои е нарушена и безбедноста во градот. Во оваа прилика најавувам сериозна борба против дивоградбите, со кривични пријави против незаконските градители, без толеранција и без отстапки кон никого – порача в. д. градоначалникот на Кочани.

Крстевски упати апел до Владата и до сите градоначалници.

– Премиерот имаше ветување дека Општина Кочани ќе добие сериозна финансиска поддршка – тоа нека биде реализирано што е можно побрзо. Апелот до градоначалниците е да ни помогнат во делот на инспекторатите. Општините Кавадарци и Струмица можат да ни помогнат во првичниот пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња, како и во искуствата со изградба на проектот за прифатилиште – истакна Крстевски.