Синоќа во Мултикултурниот центар во Кочани се одржа четвртата едукативна средба од  кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“,  наменета за родителите од Кочани, Виница и Берово.

На настанот учествуваа актерот Сашко Коцев, психолозите Деспина Стојановска и Марија Величкова, директорката  на ОУ „Дедо Иљо Малешевски“ во Берово Наташа Аврамска, како и родители кои од личен агол даваа предлози за помош во решавањето на врсничкото насилство.

Се дискутираше за препознавање на знаците и методите за спречување на врсничкото насилство, влијанието на набљудувачите, како и за методите со кои може да се работи на градење на самодоверба кај дечињата. Беше констатирано дека кога е во прашање врсничкото насилство, само заеднички и преку отворена комуникација, може да се поттикнат промени на подобро.

Работилницата во Кочани е дел од општествено одговорната кампања на Макпетрол.