На 28 октомври 2024 година, Советот на Општина Кочани ја одржа 53. седница, чиј предлог-дневен ред беше дополнет со Информација за состојбата на Градската депонија во Кочани. По дискусијата, Советот едногласно усвои пет заклучоци: да се ангажира соодветно приватно обезбедување на Градската депонија, а стражарската служба на КЈП „Водовод“ да остане и понатаму да си ја врши работата; да се постави заштитна ограда на Градската депонија; да почне постапка за јавна набавка за да се ангажира оператор кој ќе го третира (распоредува и потрупува) отпадот на Градската депонија; во Буџетот на Општина Кочани за 2025 година да се планираат средства за набавка на соодветно возило за третман на отпадот на депонијата и сите општини кои својот комунален отпад го транспортираат во Кочани во своите буџети за 2025 година да предвидат финансиски средства за третман на отпадот на депонијата во Кочани.
На 53. седница беше усвоен ребалансот на Буџетот на Општина Кочани за 2024 година, како и: Планот за изменување на Планот на програми за развој на општина Кочани за периодот 2024 – 2026 година; Програмата за изменување и дополнување на Програмата за остварување на социјална, детска и здравствена заштита на Општина Кочани за 2024 година; Програмата за изменување на Програмата за уредување и одржување на градското зеленило, набавка, поставување и одржување урбана опрема, одржување на детски игралишта и одржување на фонтаната „Зрно“ за 2024 година; Програмата за изменување на Програмата за изградба на јавно осветлување; Програмата за изменување и дополнување на Програмата за тековно одржување на јавно осветлување во 2024 година; Програмата за изменување на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Кочани за 2024 година; Програмата за изменување и дополнување на Програмата за изградба и одржување на општински патишта и улици; Програмата за изменување на Програмата за изградба на фекална и атмосферска канализација; Програмата за изменување на Програмата за изградба на системи за водоснабдување; Програмата за изменување и дополнување на Програмата за работа во областа на располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на подрачјето на општина Кочани и Програмата за изменување и дополнување на Програмата за сообраќај за 2024 година.
Советот даде позитивно мислење за програмите за изведување ученички екскурзии и излети и други вонучилишни активности за учебната 2024/25 година на ОУ „Свети Кирил и Методиј“ – Кочани.