Саемот го отвори градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов.
– Со овој традиционален културен настан градиме култура кон читањето и во овој век на дигитализација и брз техничко-технолошки напредок книгата, сепак останува во мода – истакна Папазов. Цитирајќи го нобеловецот Ернест Хемингвеј градоначалникот ги повика младите што повеќе да бидат со најлојалниот пријател – книгата.
На овогодишниот Саем на книгата во Кочани се претставуваат 13 издавачки куќи, кои на кочанската читателска јавност ѝ нудат познати и нови наслови од најразлични жанрови.
Гостинка на настанот беше познатата македонска авторка Фросина Пармаковска, која во непосредна, пријатна атмосфера разговараше со присутните за творечкиот книжевен процес и за создавањето на ликовите во нејзините дела.