На нива во атарот на Оризари, во присуство на гости од земјава и странство, дипломатски и високи државни претставници, членови на домашни и гостински фолклорни друштва, беше прикажан обичајот зажнејување на ориз.

Со срп, жетварски песни, благослови за добар род и здравје, во традиционалната жетва учествуваа членовите на Здружението на пензионери од Кочани, заедно со жетварските убавици Марија Стаменкова, Мартина Костадинова и Ивона Ефтимова.

Обичајот вршидба на ориз на традиционален начин беше прикажан на гумно во Оризари, каде што продолжи културно-забавната програма во чест на кочанскиот ориз и дегустацијата на приготвената храна од ориз од страна на домаќинките од Оризари, припадници на АРМ и на гостите од Херцег Нови, Црна Гора.

Наградата за најуспешен оризопроизводител, годинава ја поделија Сашко Трајчев и Сашо Стојанов.

Покрај настапот на Дамјан Стојаноски имаше настап на фолклорни групи и оркестри.

Културно-забавната програма се одржа непосредно до црквата „Св. Атанасиј“ во Оризари, чија убавина доминираше на локацијата украсена со етноелементи, како дел од културното наследство на овој крај.