Пожарникарите од Кочани и Македонска Каменица сѐ уште интервенираат на големиот пожар меѓу селата Пресека и Цера, кој е локализиран, но сѐ уште е активен.

Територијалните противпожарни единици на Кочани и Македонска Каменица, Национални шуми и двете доброволни противпожарни друшта „Кочани“ и „Саси“, веќе четврти ден се борат со огнот на Осоговските Планини. Во гасењето на пожарот се вклучиле и осумдесетина жители од Пресека и Цера.

На увид на состојбата беа и градоначалниците Љупчо Папазов и Димчо Атанасовски.

Според пожарникарите од ТППЕ Кочани, првично двата одделни пожара во Пресека и во Цера се споиле во еден. Огнената стихија досега уништила над 150 хектари висококвалитетна борова и дабова шума.

Противпожарните екипи остануваат на терен со континуирани дежурства.