Поради високите температури низ цела држава се зголемува и опасноста од избувнување пожари на отворен простор, пред сѐ во планинските предели, па така на подрачјето што го покрива Полициската станица од општа надлежност – Кочани, има зголемена појава на пожари.
Полициската станица од општа надлежност – Кочани апелира до граѓаните од општините на подрачјето на ОВР Кочани да бидат внимателни ако се движат и работат во поле, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгасени догорчиња.
Во пресрет на празниците Св. Петка и Св. Пантелејмон, кога се очекува зголемена фреквенција на луѓе низ планинските населени места на подрачјето на општина Кочани, потсетуваме дека на сила е забраната за движење во шума и забраната за палење оган на отворен простор, а секое недозволено движење во шума без соодветна дозвола од Шумското стопанство е казниво.
ОВР Кочани апелира секое неодоговорно однесување со оган што ќе го забележат граѓаните да го пријават на телефонските броеви 112 и 193.
Заради сузбивање на негативните појави ПС Кочани ќе врши зајакнати контроли на теренот, а против прекршителите на позитивните законски регулативи ќе бидат преземани сите законски мерки.