Членовите на Советот на редовната 38 седница го усвоија Извештајот за работењето на КЈП „Водовод“ за деветте месеци од тековнава година.
Директорот Љупчо Папазов го истакна растот на приходите и позитивниот предзнак на финансиските извештаи на сите работни единици. Анализирајќи го материјалот, членот на Советот, Ѓорѓи Алексов нагласи дека четирите милиони денари поголема добивка на „Водовод“ се резултат од зголемените комунални тарифи, кои, како што рече тој, ќе овозможат покомотно раководење на кочанското комунално претпријатие.
На прашање на членовите на советничката опозиција, директорот Папазов ја образложи и работата поврзана со јавниот паркинг во Кочани.
– Од стопанисувањето со јавниот паркинг, остварени се приходи од 1,5 милион денари, што е доволно за покривање на трошоците во условите во коишто работиме – рече Папазов, додавајќи дека тече постапката за избор за СМС-оператор, со што ќе се подобрат услугите за паркинг во Кочани.
Во врска со Извештајот за извршување на Буџетот на Општина Кочани за третиот квартал од годинава, раководителката на Секторот за финансиски прашања Ирина Хаџиева образложи дека извршувањето на приходите по сите основи е со 64,33 проценти, а на расходите со 59,83 проценти. Приходите во основниот буџет се реализирани со 70,92 отсто, а во нив најголем дел или 88, 83 проценти е на даноците на имот.
Дел од прашањата по оваа точка поставени од опозицијата не беа одговорени, поради што деветтемина советници предвреме ја напуштија седницата.
Советот без дискусии ги усвои предлог-програмите за изградба на фекална и атмосферска канализација, за изградба на системи за водоснабдување, за уредување на градежно земјиште, за јавно осветлување, за изградба и одржување на општинските патишта и улици.
Членовите на Советот одлучија Општинската јавна установа – Отворен граѓански универзитет за доживотно учење да го добие името Манасија Парлапан, по првиот учител родум од Кочани, кој покрај манастирското школување, во 1867 година прв воведува нова, посовремена настава.