Синоќа, во средишниот сценски простор на Споменикот на слободата во Кочани, во организација на Општина Кочани, Студентскиот културен центар од Ниш ја изведе операта „Дидона и Енеј“.
Музиката за камерната опера „Дидона и Енеј“ е на англискиот музичар и композитор од епохата на барокот Хенри Персел, а академскиот хор при СКЦ – Ниш и камерниот оркестар настапија под диригентство на Зоран Станисављевиќ.
Приказната за Дидона и Енеј потекнува од оригиналниот Вергилиев еп „Енеида“. Камерната опера во три чина е во режија на Кристина Атанасова Арсова.
Ова е првиот настан што се одржа по реализацијата на реконструкцијата на партерниот дел од Споменикот на слободата, со што се враќа улогата на оваа отворена сцена како културно собиралиште.