По повод празникот на Кочани, Петровден, во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ се одржа вечерна празнична богослужба на која чиноначалствува митрополитот Брегалнички г. Иларион. По службата беше организирана литија и осветување и кршење на празничниот колач во Градскиот парк, каде свештениците и верниците упатија молитви за здравје и благосостојба.
– На градоначалникот и на сите луѓе во Кочани им го честитам празникот на светите апостоли Петар и Павле, посакувајќи да ве чуваат и понатаму да ви даруваат душевно и телесно здравје, да се молат на Бога и за градот Кочани и целата вселена, испросувајќи мир и благосостојба. Православието и единството да се зацврсти и да престанат сите поделби, недоразбирања и војни во светот. Нека е честит, вечен и благословен празникот – рече во своето обраќање пред присутните митрополитот Брегалнички господин Иларион.