Со доделувањето на наградите за најуспешните улоги и претстави, заврши 61. издание на Драмскиот аматерски фестивал.
Жирито во состав Пеце Ристевски, Елеонора Теова и Ненад Витанов, највисокото фестивалско признание Гран-при „Васил Ќортошев“ ѝ го додели на претставата „Момчето со пругасти пижами“ во изведба на Летечката театарска трупа од Тетово.
„Ова е најдобрата претстава на овогодишниот ДАФ затоа што во сите театарски сегменти: актерска игра, режија и визуелен идентитет беше на највисоко ниво. Претставата одушеви со искрена енергија, исклучителна партнерска игра и не ја остави публиката рамнодушна“ – стои во образложението на жирито.
Наградата во категоријата за режија „Борис Стојчев“ ја доби Владимир Јованоски за претставата „Момчето со пругасти пижами“ во изведба на Летечката театарска трупа Тетово од Тетово.
Награда во категоријата за претстава за деца и младинци доби претставата „Валентајн, не благодарам“ во изведба на „Прва проба“ од Скопје.
Наградата за главна женска улога ја доби Веда Мавровска за улогата Живка во претставата „Сомнително лице“ во изведба на Театарската школа „Бабец“ од Битола, а за главна машка улога – Драгослав Бранковиќ за улогата Санда Аризановиќ во претставатa „Аризани“ во изведба на Аматерскиот театар „Прокупље“ од Прокупље. Награда за најдобра споредна женска улога доби Лана Басаров за улогата Лана во претставата „Тивки жртви“ во изведба на МДПЦ „Премиера“ од Велес.
Претставата „Убавицата и Ѕверот“ на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци доби награда за комплетен визуелен ефект, а за колективна игра наградата ја доби претставата „Чернодрински се враќа дома“ во изведба на МТЦ „Зона“ од Прилеп.