Во периодот од 4 август до 19 октомври, Општина Кочани реализираше еден од поважните проекти: Реновирање и модернизација на системот за улично осветлување, со кој 2608 живини светилки во градот и делумно во селата се заменети со моментно најдобрата достапна технологија за осветлување во светот, соопшти на прес-конференција градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.
На околу 90 столбови во центарот на градот, во Трговскиот центар и на важните сообраќајници се додадени дополнителни светилки за поголема осветленост на тие места. Поставени се 150 нови ЛЕД светилки на места каде досега немаше никакво осветлување. Живините светилки од 125 W се заменети со ЛЕД светилки со моќност од 41W, а оние од 250 W со 102 W со што просечната осветленост е зголемена за над 50%, а намалувањето на потрошената електрична енергија за 2,5 пати.
– Животниот век на ЛЕД светилките е за повеќе пати подолг од живините, така што ако живините ги менувавме еднаш годишно, новите ЛЕД светилки имаат гаранција за 10 години. Со тоа ќе го намалиме трошокот на годишното одржување на осветлувањето за повеќе од 7 пати, истакна градоначалникот додавајќи дека Кочани е првата општина во Македонија и на Балканот со вакво осветлување.
Димитровски додаде дека Општина Кочани се одлучи со сопствени средства да изврши модернизација на системот за улично осветлување со одложено плаќање кон изведувачите на 36 месеци, без камата. При тоа целата опрема е во сопственост на Општината и таа во целост управува со системот за улично осветлување. Така, според градоначлалникот, заштедата во електрична енергија и собраната комунална такса за улично осветлување во целост ќе ја покријат оваа инвестиција и веќе во 2019 година целата заштеда ќе остане на сметката на Општина Кочани. Со тие средства системот за улично осветлување може дополнително да се унапредува со опфат на останатите населени места во општината, со проширување, воведување на телеменаџмент, „паметен град“ и др.
– Овие светилки треба да ја осветлуваат нашата општина најмалку 10 години. Ги замолувам сите граѓани на општина Кочани да се однесуваат со новиот, реновиран, модернизиран систем за улично осветлување како кон сопствен имот, да спречат, да пријават вандализам и да пријават кражба на електрична енергија, доколку се појави, повика градоначалникот Димитровски.