Денеска, во Општина Кочани се одржа вториот настан од проектот „Општинска размена на експерти Северна Рајна-Вестфалија и Северна Македонија“, имплементиран од Агенцијата за услуги заедници во еден свет (SKEW) во име на Државниот канцелар на Северна Рајна-Вестфалија и германското Министерство за економска соработка и развој, за зајакнување на партнерството меѓу Република Северна Македонија и Покраината Северна Рајна-Вестфалија на локално ниво, за размена на експертиза помеѓу „ЕУВ“, Градот Кастроп-Рауксел, КЈП „Водовод“ и Општина Кочани.
На денешната работна средба беше потпишано Писмо за намери за соработка помеѓу партнерите – Градот Кастроп Рауксел и Комуналното претпријатие „ЕУВ“ од германска страна, и Општина Кочани и КЈП „Водовод“ од македонска страна,
Во потпишаниот документ, како и на онлајн состанокот организиран од Германската агенција – спроведувач на проектот, се утврдени полињата за соработка.
– Иако проектот иницијално беше предвиден за управувањето со води (речни, води за пиење и пречистување на отпадни води), сепак постои широка лепеза на останати области во кои искуството кое го имаат градот Кастроп-Рауксел и нивното комунално претпријатие „ЕУВ“ може да биде од интерес на граѓаните на општина Кочани. Врз основа на потпишаниот документ, како полиња за идна соработка се вклучени и унапредување на животната средина, напредно управување со комуналниот отпад, одржлив развој на туризмот, како и искористување на геотермалниот потенцијал. Дефиниравме и воспоставување контакти за промоција и размена на културните вредности, соработка во областа на образованието, младите, граѓанскиот сектор како и помеѓу претставниците на локалниот бизнис-сектор. Паралелно со потпишувањето на Писмото за намери за долгорочна соработка, претставниците на проектните партнери веќе работат на аплицирање за нови средства во износ од 50.000 евра, кои од страна на Канцеларијата на Северна Рајна Вестфалија ќе бидат наменети за работните состаноци на тимовите од проектните партнери во развој на идни проекти. Исто така, за оваа година е планирано и аплицирање за пристап до поголеми финансиски средства, до 500.000 евра, кои би овозможиле и развој на стратешка проектна документација за капитални инвестиции во општина Кочани, како на пример за искористување на геотермалниот потенцијал. Вредноста на овие стратешки проектни документи е уште поголема бидејќи тие би отвориле можност за пристап до Германските фондови за техничка помош – изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани.
– Претставниците од регионалната канцеларија на Северна Рајна Вестфалија ни овозможуваат да го прошириме нашето поврзување, што е многу важно, така што оваа година ќе ја искористиме за да ја продлабочиме соработката врз основа на различни развојни програми и проекти. Во изминатите два дена посетивме различни постројки во делот на водоснабдувањето и одведувањето на отпадните води, а ги видовме и потенцијалите на градот. Она што може да биде многу битно за Кочани е развојот на туризмот, со што ќе се овозможи и развој на економијата и модернизација на инфраструктурата – истакна Штефан Тројке, претставник од општината Кастроп-Рауксел.
Во насока за подобар пристап од ЕУ-фондовите, договорено е формирање на заеднички тим, составен од претставници на сите проектни партнери, чии членови ќе учествуваат во изработка на апликации кон повеќе ЕУ-програми од каде се очекуваат нови проекти во интерес на заедниците од двете општини.