Улицата е долга 600 м, широка 7 м, со тротоари од двете страни. Деновиве се работи на тампонирање на теренот, поставување на тротоарски и улични рабници и на поплочување на тротоарите. Проектот опфаќа изградба на потпорен ѕид, пропусти и сливници за атмосферска вода и поврзување со улицата „Ангел Донев“. Изведувач на работите е „Коле транс инженеринг“. Средствата во износ од 11,5 милиони денари се од Буџетот на Општина Кочани.
Паралелно со градежните активности, се работи и на уличното осветлување. Поставени се фундаменти за уличните столбови. Работите ги изведува „Код инженеринг“ од Скопје. За изградба на јавното осветлување на дел од улицата „Кеј на револуцијата“ се наменети 2 милиона денари.
Со изградбата на овој потег од улицата, кејот на Масалница на влезот во Оризари целосно ќе се обликува. Во функција на уредување на кејот на реката се и порамнувањата и чистењето на теренот во горниот тек на реката.