Со заклетва и чесен татковински збор, со ветување дека ќе учат и ќе ги почитуваат повозрасните, дека ќе бидат примерни и вредни ученици, 354 првачиња станаа членови на Детската организација.
На свеченоста што по тој повод ја организираше Одделението за јавни дејности од Општина Кочани, првачињата ги поздрави градоначалникот Ратко Димитровски.
– Денеска ја имате честа да станете членови на најмасовната и најпочитуваната организација на децата. На овој свечен чин сакам да знаете дека вие, најмладите сте иднината на општеството. Вие сте поттик да мислиме, да работиме за Вас и да се грижиме за остварување на Вашите права. Вие треба вредно да учите, да ги исполнувате училишните обврски и да ги почитувате родителите и наставниците, рече во своето обраќање градоначалникот Димитровски.
Во Центарот за култура „Бели мугри“, учениците од повисоките одделенија од петте основни училишта од Кочани, на првачињата им приредија културно-забавна програма и им посакаа добредојде во Детската организација.