Денеска во „Еуро хотел Градче“ во Кочани започна Кампот за млади информатичари.
Кампот, кој претставува шестдневна обука на јуниорските и на сениорските информатичари што ќе ја претставуваат Македонија на идните олимпијади и натпревари по информатика ширум светот, го отвори градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов. Тој го изрази задоволството што Општината и Советот даваат поддршка за едукација на најбистрите умови во државата.
– Задоволството е големо кога можеме заеднички да ги поттикнеме учениците во освојувањето нови знаења и вештини и што во осумтемина млади информатичари е и Владимир Грчев од Кочани. Важни сте ни, затоа што како потврдени и наградени учесници на олимпијади и светски натпревари по информатика едновремено учите како ефикасно да ги решавате проблемите – истакна во поздравното обраќање градоначалникот Папазов.
Како израз на вербата дека нашите млади информатичари ќе станат врвни во својата струка и во знак на сеќавање на овој камп, градоначалникот побара автограми од нив.
Кампот за млади информатичари е во организација на Здружението „Бистри умови“, во соработка со Здружението на информатичари и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, а со финансиска поддршка од Општина Кочани.