Во рамките на одбележувањето на Петровден, празникот на Кочани, градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов организираше прием за првенците на генерацијата од основните и од средните училишта во Кочани и за учениците што добиле награди на државните и на меѓународните акредитирани натпревари.
Во своето обраќање градоначалникот им ги честита на учениците постигнатите резултати, пренесувајќи дека го почитува и го цени вложениот труд и залагањата да бидат најдобри и им се заблагодари за достојното претставување на Кочани во сферата на образованието.
Првенците на генерација: Андреа Димитрова (ОУ „Никола Карев“), Ева Костадинова (ОУ „Крсте Петков Мисирков“ – Оризари), Павел Монев (ОУ „Кирил и Методиј“), Анастасија Богданова (ОУ „Раде Кратовче“), Драган Станишков (ОУ „Малина Попиванова“), Никола Илиев (ОМУ „Ристо Јуруков“), Мартин Коцев (СОУ „Гошо Викентиев“) и Мери Манасиева (СОУ „Љупчо Сантов“) – за постигнати високи резултати во наставата, вон наставата, успеси на натпревари и за афирмирање на Општина Кочани добија статуетка на Општина Кочани, пофалница и парична награда од 15 илјади денари.
Климент Филипов од ОУ,,Никола Карев“, којшто освои прво место на Државниот натпревар по математика, Владимир Грчев од ОУ,,Св. Кирил и Методиј“, првак на Државниот натпревар по информатика, Јована Давиткова – прво место на Државното првенство во шах и Макарија Иванова – прво место на Државниот натпревар по пијано се ученици наградени со ваучер од 6 илјади денари, а пофалници од Општина Кочани добија и членовите на училишната кошаркарска екипа на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ и тимот роботичари од СОУ „Гошо Викентиев“, кој освои првото место на Државниот натпревар по роботика. Специјална награда во износ од 6 илјади денари доби Ивона Тодорова, ученичка од СОУ „Љупчо Сантов“, како најдобар оратор на 11. Ораторска вечер на Правниот факултет при УГД – Штип.
Награди за постигнатите резултати на меѓународни натпревари по музика организирани во РС Македонија и онлајн натпревари по музика во учебната 2022/2023 година добија 14 ученици од ОМУ „ Ристо Јуруков“ од Кочани; членовите на оркестарот од традициски инструменти и наставниците ментори на наградените ученици.
Во програмскиот дел на оваа празнична содржина настапија Оркестарот од традициски инструменти, Макарија Иванова и Никола Илиев од ОМУ „Ристо Јуруков“ од Кочани.