На 23 јуни 2023 година градоначалниците на општините што гравитираат околу Осоговските Планини: Кочани, Пробиштип, Македонска Каменица, Крива Паланка и Кратово; министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и центрите за развој на Источниот и на Североисточниот плански регион потпишаа меморандум за соработка кој ќе овозможи користење на средствата од Програмата за рурален развој на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство за подготовка на потребната документација за изградбата на ски-ресорт на Царев Врв.
Станува збор за капитална инвестиција која во овој момент е препознаена како стратегиски приоритет на државата, но и самото тоа што идниот урбанистички план што треба да се изработи за Царев Врв, а опфаќа 5 општини и заштитено подрачје – претставува план од државен интерес. Според планирањата, тоа би бил современ и модерен ски-центар кој согласно местоположбата би бил во петте најголеми ски-центри на Балканот.
Прв претстоен чекор е изработка на ажурирана физибилити студија која треба да понуди најсоодветни сообраќајни решенија за пристап до ски-центарот; со која ќе се определат локации за базните туристички населби, што ќе придонесе да се врати животот во руралните средини. Студијата треба да ги разработи и останатите атрактивности на Осоговските Планини и содржини за сите посетители во текот на целата година.
Со студијата ќе се дефинира и начинот на поврзување на идниот ски-центар на Царев Врв со постојните туристички центри Пониква и Калин Камен.