На 20 км северно од Кочани, во прегратките на Осоговските Планини, на 1580 м надморска височина, во предел со густа букова шума и разновидна вегетација, се наоѓа туристичкиот локалитет Пониква, со повеќе сместувачки капацитети и спортски објекти. Природните убавини, еколошки чистата средина и поволната клима, се одлични предуслови за голема посетеност.
Пониква е најпосетена во зима, а за љубителите на белите спортови на располагање се два ски-лифта и сноу-борд патека. На Пониква постојат идеални услови за планински велосипедизам, но и параглајдерство и други екстремни спортови.
Општините Кочани и Пробиштип во Пониква гледаат потенцијал за развој на туризмот и издигнување на оваа дејност на ниво на профитабилна активност на разни субјекти од регионот. Интересот за купување плацеви за викенд куќи, хотелски и угостителски објекти е со забележителен раст.
Во 2013 година Владата на Република Македонија преку АД Мепсо инвестираше еден милион евра во опрема за вештачки снег: топови, ратрак, моторна санка. Од инфраструктурниот дел изградена е вештачка акумулација, електроенергетска и водоводна инсталација за пренос на вода и за подготвка на вештачки снег. Ски-патеките се опремени со рефлектори за ноќно скијање. Со сноу-борд паркот управуваат општините Кочани и Пробиштип преку формираното Комуналното претрпијатие „Пониква КП“, со заеднички почетен влог од 10 илјади евра.
Изграден е и патот од одморалиштето на МВР до манастирот „Св. Василј Велики“, асфалтиран со средства од Швајцарската агенција за соработка преку Форумот во заедниците што се реализираше со општините Кочани и Пробиштип. Покрај патот, поплочена е пешачка патека.
На Пониква, вкупниот капацитет на четирите мотели и поранешното детско одморалиште, сега одморалиште од отворен тип на МВР, е околу 300 легла. Во туристичката понуда во последните години се вклучуваат и капацитетите од викенд населбата.
Во примамливата понуда за посетителите, свое место имаат и пристапните цени во сместувачките и во угостителските капацитети. Така, цените за ноќевање со појадок се 10 до 12 евра, полн пансион е околу 1200 денари, дневниот билет за ски-лифт од 400 до 500 денари. Во рестораните, кафе најчесто чини 30 денари, чај 20, сок 50 денари.
На Пониква е изграден и манастирот „Св. Василиј Велики“. По повод патронот, секоја година на 14 јануари се одржува свечена Василева литургија и се прави манастирски собир. Традиционално се дели и погача со паричка. Планинарите од кочанското Планинарско спортско друштво „Осогово“ организираат марш од езерото Гратче до Пониква, со што ја одбележуваат православна Нова година и му оддаваат почит на „Св. Василиј Велики“.
На Осоговските Планини се наоѓа и ловниот резерват поточно Ловиштето „Полаки“ богато со високотрофеен дивеч: елен лопатар, срни муфлони и диви свињи. Неговите почетоци датираат од 1981 година. Резерватот има ловна површина од 12.810 ха. До него најлесно се стигнува по регионалниот патен правец Кочани-Пониква, кој всушност е главна и најзначајна сообраќајница во ловиштето. Ловиштето е насочено кон формирање и трајно одржување на популациите на крупниот дивеч, кои со својата возрасна и полова структура обезбедуваат репродукција на квалитетни грла со високи трофејни вредности. Ловниот резерват е омилена локација на спортските ловци од земјава и од странство.
Автор: Љубинка Ајтовска, Општина Кочани
Користена литература:
Е.Динчев и П.Атанасов – Високите планини во Република Македонија, Скопје, 2001
Граѓански комитет за развој – Пробиштип – Осоговски регион, ресурси и можности, Пробиштип, 2005
К.Герасимов – Осогово – туристички водич, Кочани, 2009
Македонско еколошко друштво – Студија за валоризација со предлог за формирање на заштитен предел Осоговски Планини, Скопје, 2012