Денеска, во рамки на Саемот на книгата кој се одржува во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, ЈОУБ „Искра“ од Кочани ја доби наградата за најдобар промотор на читачката култура за 2023 година, награда која што ја доделува Македонската асоцијација на издавачи.
Во оваа категорија ЈОУБ „Искра“ во периодот од минатогодишниот до овој Саем на книгата е оценета како најактивната и најпосветената библиотека во Македонија, која постојано работи на промоција на читачката култура преку претставување на сите нови и актуелни наслови на литература за деца, млади и возрасни, со организирање на различни активности за потикнување на читачките навики и култура преку организација на фестивали, гостувања на автори во училиштата и градинките, реализација на активности со деца од предучилишна и училишна возраст, саеми на книги итн.
-За нас оваа награда е многу значајна и претставува еден поттик да продолжиме и во иднина со нашите активности, програми и реализации во промовирањето на литературата и пишаниот збор кај нашата публика на локално ниво во Кочани – истакна Кристина Ѓорѓиевска Атанасова, в.д. на Библиотека „Искра“.