Општина Кочани со поддршка на УСАИД ќе добие физибилити студија за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба и стопанисување со фотонапонски електроцентрали.
Студијата ќе ја работи експертски тим во рамки на два проекти финансирани од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).
Станува збор за регионалниот проект Поврзани за развој (Connect for Growth – C4G) и проектот за зајакнување на мобилизацијата на ресурси (Strengthening Resource Mobilization Activity – SRMA).
Поддршката ќе вклучи консултантска помош во изработка на физибилити студија за оправданост за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба и стопанисување со фотонапонски електроцентрали на градежно земјиште и на јавните објекти.
Доколку резултатите од студијата укажат дека јавно-приватно-партнерство е соодветен механизам за постигнување на целите, консултантскиот тим ќе ја продолжи поддршката во изработка на тендерската документација и модел договорот, како и во текот на целиот процес на спроведување на постапката за доделување на јавно-приватно партнерство – од објавување на огласот до склучување на договорот.