По повод 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, делегација составена од градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов и членови на Советот, од Сојузот на Здружението на борците од НОВ, како и партиски делегации положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата и на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата.
– Денес е голем и убав ден, ден за да се потсетиме на нашето историско минато за ослободувањето на градот Кочани од фашистичките окупатори. Ден за да се потсетиме и да се заблагодариме на луѓето заслужни за денешната слобода што ја уживаме, и да се потсетиме за обврските што стојат пред нас – да го почитуваме и да го негуваме нашето историско минато, да го штитиме и да дејствуваме во правец на подигнување на квалитетот на животот во нашата општина. Во оваа прилика сакам на сите граѓани на општина Кочани да им ги честитам 7 Септември – Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември – Денот на независна и суверена Македонија. Нека е за многу години – истакна градоначалникот Папазов во празничната честитка.
Со оддавањето почит на паднатите борци за слобода, започна одбележувањето на 78-годишнината од ослободувањето на Кочани, кое ќе продолжи со свечена седница на Советот на Општината, што ќе се одржи вечерва, со почеток во 19 ч. во салата на Мултикултурниот центар.