На 4 септември, на регионалниот патен правец Кочани – Пониква, се возеше ридско-брзинска трка од Државниот шампионат во автомобилизам што се бодува и за ФИА – зона на Централна Европа. На патеката долга 5,9 километри, во четири класи, учествуваа 26 возачи од Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија и Косово.
Организатор на натпреварот беше АКК „Перформанс“ од Скопје, во соработка со Автомобилистичката федерација на Македонија, Здружението на возачите – Кочани и Општина Кочани.
Во најниската класа Е1-1400 најбрз беше Георгиј Наков, член на скопскиот клуб „Перформанс“, кој патеката ја помина за 4 минути и 3 секунди, а во класата Е1-1600 најдобар резултат оствари неговиот клупски колега Слободан Трајковски.
Во класата Е1-2000 победи Александар Ангеловски, исто така од АКК „Перформанс“. Меѓу домашните возачи во најсилната класа Е1+2000 патеката најбрзо ја помина Влатко Костовски од АКК „Проспорт“.
Кочанскиот возач Донче Иванов остана без пласман, а Дејан Манасиев од Кочани во класата Е1-1200 беше четвртопласиран.
На прогласувањето на најуспешните на ридско-брзинската трка „Кочани 2022“, градоначалникот Љупчо Папазов им додели пехари, а Автомобилистичката федерација на Македонија му врачи благодарница за придонес и помош во организацијата.