Вкупно 3 672 ученици денеска ја започнаа новата учебна година во Кочани. Од нив 1 037 се средношколци, а 2 635 се ученици во основно образование.
Првиот училиштен ден беше посебно свечен за првачињата, кои годинава се 322. Училиштата создадоа пријатна атмосфера на прозивката пред првиот школски час, а со нив беше и градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, кој им посака добро здравје и успех во учењето.
Директорите на сите училишта ја потврдија подготвеноста за почетокот на учебната година, а за сите првачиња Општина Кочани обезбеди пакет со основен училиштен прибор, одлука која беше донесена на последната седница на Советот на Општината.
На првиот ден од новата учебна година, Општина Кочани во соработка со учениците од сообраќајната струка во СОУ „Гошо Викетниев“ и со Полициската станица – Подрачно одделение за безбедност во сообраќајот – Кочани поделија летоци со едукативна содржина за поголема безбедност во сообраќајот.