В петок, на 24 јуни, во 19 ч. на спортските терени на СОУ „Љупчо Сантов“ ќе се одигра првиот натпревар од претстојниот Петровденски турнир во мал фудбал.
Претставници на ОФС – Кочани, како директни реализатори на турнирот, денеска, со ждребување го утврдија распоредот на пријавените петнаесет екипи.
– Ќе се игра според футсал правила, по три натревари дневно, имаме планирано и резервни денови, доколку временските услови не се поволни за игра. Очекуваме турнирот да помине во најдобар ред, да победат најдобрите. Ќе се избира најдобар играч, стрелец и голман, а најдобрите три екипи ќе добијат 60 илјади, 30 илјади и 15 илјади денари – соопшти Александар Андов, претседател на ОФС – Кочани.
Спортските терени ќе се освежат со нови рефлектори, нови мрежи на головите и ќе бидат обезбедени нови топки, според пропозициите.
Распоредот за настап на екипите ќе биде објавен на фејсбук-страницата Петровденски – турнир, каде секојдневно ќе се пласираат најави и информации од натпреварувањата.