Општина Кочани ги објави јавните повици за вработувања во два проекта од програмата Општинско корисна работа, поддржани од UNDP и SDC.
Во проектот „Заедно“, за работно ангажирање со скратено работно време од три месеци заради стекнување вештини и постепено вклучување на пазарот на труд, се бараат шестмина негуватели на лица со попреченост. Право на учество имаат лица со попреченост, жени припадници на ромската и на останатите етнички заедници, како и припадници на ромската етничка заедница.
За потребите на проектот „Придобивки“, за работно ангажирање со скратено работно време од девет месеци се бараат 18 лица од кои: тројца образовни асистенти во средно образование (педагог, психолог, социјален работник, социолог, наставник во одделенска и наставник во предметна настава); петмина негуватели на деца во градинка, шестмина лични асистенти – за лица со попреченост и по две лица како дел од тим за психосоцијална поддршка и даватели на услуги во Центарот за донации.
Пријавувањето е до 13 јуни, до 14 ч. во Центарот за вработување во Кочани. Јавните огласи се објавени на огласната табла и на веб-страницата на Општина Кочани, во Центарот за вработување и во Центарот за социјални работи.