На 6 мај, во салата на Мултикултурниот центар во Кочани премиерно беше прикажана театарската претстава „Тој и Таа“, подготвена од Театарската група „Годо“ од Кочани, по адаптација на драмскиот текст „Друг човек“ од Петар Гладилин.
„Тој и Таа“ е приказ на состојбата на мажот и жената во системското живеење, во кое тие забораваат кои се и што се. Влезени во кругот со непишани правила наречен систем, кој им го уништува емотивниот развој, тие стануваат режимски суштества. Во претставата и мажот и жената се навраќаат и се потсетуваат на чувства потиснати од меморијата, како што се среќата, тагата, љубовта…
Во претставата настапија актерите Зорица Митева и Владимир Игнатов.
Театарската претстава „Тој и Таа“ е реализирана по иницијатива на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Кочани, со финансиска поддршка од Буџетот на Општина Кочани.