Климата во регионот на општина Кочани е умерено-континентална под влијание на изменето-средоземно-морската клима која се пробива по долината на река Брегалница. Просечната годишна температура на воздухот е 12,9 oC со просечна количина на врнежи од 538 mm.
Со просечна годишна температура на воздухот од 13,0 oC Кочанската Котлина се вбројува во редот на топлите котлини во Македонија. Просечните месечни температури во ниеден месец во годината не се под нулата, што е одлика на медитеранската клима. Минималната средна месечна температура на воздухот е во јануари, 1,6 oC, додека максималната во месец јули, 23,5 oC. Според тоа, годишното колебање на температурата е 21,9 oC.
Сите летни месеци во годината имаат температура над 20 oC, а средната летна температура изнесува 22,6 oC. Средната зимска температура исто така е висока и изнесува 3,0 oC. Средната температура во пролет е 12,8 oC, а во есен 13,5 oC. Меѓумесечната температурна разлика во пролетните и есенските месеци е доста нагласена, така што преодот од зимата кон летото и од летото кон зимата не е бавен, што е карактеристично за подрачја кои се во одредена мера под континентално климатско влијание. Тоа влијание овде се изразува и преку појавата на ниски температури во зимските месеци. Така просечната годишна минимална температура изнесува 6,3 oC, додека апсолутната минимална температура изнесува -25,4 oC, забележено е на 25 јануари 1954 година. Апсолутно минималната температура по месеци е под 0 од септември до април. Најраниот датум со есенски мраз е 30 септември, додека најдоцниот датум на пролетниот мраз е 27 април, а просечниот годишен број на мразни денови изнесува 82.
Просечната годишна максимална температура изнесува 18,6 oC, додека апсолутно максималната изнесува 41,2 0C забележана на 6 јули 1988 гоидна. Голем е и бројот на летни денови, односно денови во кои температурата е повисока од 25 oC и тие изнесуваат 120 дена. Исто така се јавуваат и бројни тропски денови (со температура повисока од 30 oC) кои просечно изнесуваат 49 дена во годината. Вегетациониот период е 200 дена и трае од април од 20 октомври.
Ветровите во Кочанско дуваат речиси од сите правци и во секое време од годината. Од вкупниот број на измерени случаи 69,2%о е со ветрови од разни правци, а 30,8%о е без ветер или со тишини. Сепак југозападниот ветер е со најголема зачестеност, просечно годишно со 16,9%о и просечна годишна брзина од 2,5 m/s.